Денеска во ООУ „Никола Карев” – Кочани, беше промовиран проектот „Преку спорт до инклузивно и квалитетно образование” кој во наредните месеци ќе го имплементира Македонско-бугарската стопанска комора, а е финансиран од Бугарска развојна помош.
Главна цел на проектот е обезбедување инклузивно и квалитетно спортско образование и збогатување на училишната спортска опрема во ООУ „Никола Карев” – Кочани.
Преку низа активности се работи на промовирање на инклузивно спортско образование со вклучување на деца со попреченост, деца од етнички малцинства од општините Кочани, Чешиново- Облешево и Зрновци; Промовирање на вистински животни вредности преку спортски настани, како и јакнење на свеста за важноста и значенето на спортот кај сите деца.
Иако носител на проектот е ООУ „Никола Карев”, во проектните активности ќе бидат вклучени деца – ученици од другите основни училишта, нивните родители како и наставници по физичко образование и спорт.
„Проектот е одлична можност за да ги тргнеме децата од нивното секојдневие заробени со технологијата и да jа истакнеме важноста на спортот, дружбата, активностите. Спортот е повеќе од потребен, посебно во периодот на раст и развој” – изјави Ирена Мирчовска, координатор на проектот.
„Ова е одличен пример за тоа дека бизнис заедницата освен за остварување на свои лични интереси, вложува и во општествени прашања, конкретно во спорт и квалитетно образование. Од име на ООУ „Никола Карев” упатуваме огромна благодарност до Бугарска развојна помош и претседателката на Македонско – бугарската стопанска комора за можноста за реализирање на вакви проекти” – изјави Александар Андов, директор на ООУ „Никола Карев”.

Вредноста на проектот е 14.411 евра.

mia.mk / Радио Кочани / Телевизија Кочани