Во ресторанот „Камник“ во Скопје, денеска 20.10.2025 г. се одржа Редовното годишно собрание на Македонско–Бугарската Стопанска Комора.

На собранието, со едногласна поддршка од присутните членки, за претседател на Комората по втор пат беше реизбрана м-р Биљана Митева, со нов четиригодишен мандат.

Митева истакна дека во изминатиот период бројот на членки на Комората е зголемен за 127%, што претставува најголем раст од нејзиното основање. Овој напредок, е доказ за континуираната посветеност на МБСК кон поддршка на бизнисите и создавање на нови можности за деловно поврзување. Со растот на членството, Комората бележи и значителен развој во организациски и финансиски аспект.

На собранието присуствуваа големо мнозинство од членките, амбасадорот на Република Бугарија во Северна Македонија,  Жељаско Радуков, како и раководителот на трговско-економската служба при амбасадата на Република Бугарија во Република Северна Македонија, Димитар Салов. Присутни беа и бројни претставници на македонската бизнис-заедница.

Собранието ја усвои Годишната програма за работа на Комората, чиј слоган за новиот четиригодишен период е:

„СОЗДАВАМЕ ВРЕДНОСТИ – ЗАЕДНО“, со јасна визија за продлабочување на економската соработка, поддршка на претприемништвото и зголемена видливост на македонските компании на регионалниот пазар.

Трговската размена помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија во 2024 година изнесува над една милијарда евра, додека пак трговската размена за 2025 година се очекува значително да се зголеми.

Со донесените одлуки, Македонско–бугарската стопанска комора уште еднаш ја потврди својата улога како активен и стабилен партнер на бизнис-секторот во Северна Македонија.

Извор Нетпрес