Македонско-бугарската стопанска комора денес присуствуваше на настанот организиран од Националната платформа за женско претприемништво, посветен на доделувањето на Националната награда за женско претприемништво. Настанот имаше за цел да ја истакне улогата и значењето на жените претприемачки – сопственички и управителки на микро, мали и средни претпријатија во економскиот развој на земјата.
Претседателката на Националната платформа за женско претприемништво, г-ѓа Валентина Дисоска, ја нагласи важноста од континуирана поддршка на жените во бизнис секторот, особено во создавање поволна деловна клима и можности за раст и развој.
Од страна на Македонско-бугарската стопанска комора, на настанот присуствуваше претседателката на Комората заедно со членки – жени управителки и сопственички на компании. Присуството претставуваше потврда за континуираната поддршка што МБСК ја дава на женското претприемништво, како и заложбата за промовирање еднакви можности, инклузија и економско зајакнување на жените претприемачки.
Комората упатува искрени честитки до добитничките и учесничките, и ја изразува својата подготвеност за понатамошна соработка во насока на унапредување на женското лидерство и претприемачкиот екосистем во Македонија.