На 30 јануари 2026 година во Благоевград, Република Бугарија, се одржаа бизнис-средба и културно-гастрономска вечер под наслов „Вечери на Балканите – Македонија“, настан посветен на унапредување на прекуграничната економска соработка и промоција на македонската култура, гастрономија и бизнис-потенцијал.
На настаните учествуваа повеќе од 20 претставници на компании – членки на Македонско-бугарската стопанска комора, како и претставници на институции, бизнис-заедницата, медиуми и дипломатскиот кор.
Во рамки на бизнис-средбата, која се одржа во зградата на Општина Благоевград, беа презентирани економските потенцијали на регионот, можностите за инвестиции и соработка, како и конкретни примери за успешна прекугранична соработка. Можностите за инвестиции во Општина Благоевград, економскиот профил на регионот и бизнис-климата ги презентираше градоначалникот на Благоевград, Методи Бајкушев, пред претставници на бизнис-заедницата од Република Бугарија и Република Северна Македонија.
На средбата присуствуваа и претставници на локалната самоуправа и институциите од двете земји, меѓу кои и советничката и заменик-амбасадор на Република Северна Македонија во Република Бугарија, Пејка Трајановска, како и градоначалниците на општините Делчево и Пробиштип, Иван Гоцевски и Тони Тоневски, заедно со претставници на Македонско-бугарската стопанска комора.
Членките на Македонско-бугарската стопанска комора имаа можност активно да се вклучат со свои презентации, изложбени штандови и промотивни материјали, при што беа промовирани македонски производи и услуги пред деловна и поширока публика, а свои производи истакнаа компании како Пакпрогрес, КАМ, Попова кула и други.