Претседателката на Македонско-бугарската стопанска комора присуствуваше на конференцијата „Женски лидерски дијалог во енергетиката“, која се одржа на 6 март 2026 година во хотел „Солун“ во Скопје, во организација на Здружението на бизнис жени.

Настанот беше посветен на унапредување на улогата на жените во енергетскиот сектор и поттикнување на поголема вклученост на жените во процесите на креирање политики, донесување одлуки и имплементација на енергетските стратегии.

Во рамки на конференцијата беа презентирани активностите од проектот „Жените во енергетиката (WIN)”, како и панел-дискусија на тема „Женски лидерски дијалог во енергетиката: Од креирање политики до имплементација“, на која учество зедоа експерти и претставници од академската заедница, енергетскиот сектор и бизнис заедницата.

На настанот свое обраќање имаше и г-ѓа Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, која ја истакна важноста од јакнење на соработката меѓу институциите и бизнис заедницата, како и поддршката за иницијативи што придонесуваат кон економски развој и регионално поврзување. 

Воедно, Македонско-бугарската стопанска комора упатува искрена благодарност до г-ѓа Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис жени, за нејзиниот континуиран ангажман, поддршка и посветеност во промовирањето на женското претприемништво и активното вклучување во иницијативи кои придонесуваат кон развој и унапредување на бизнис заедницата.  

Македонско-бугарската стопанска комора ја поддржува иницијативата за поголемо учество на жените во економијата и енергетиката, како важен сегмент во процесите на одржлив развој и зелена транзиција.