На 24 април 2026 година, во просториите на Бугарската трговско-индустриска комора во Софија, се одржа Бугарско–Македонскиот бизнис форум, во организација на Бугарско–Македонската трговско-индустриска комора, во соработка со Бугарската трговско-индустриска комора, а под покровителство на Амбасадата на Република Северна Македонија во Република Бугарија.
Форумот претставуваше значајна платформа за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, обединувајќи компании, институции и претставници на бизнис-заедницата со цел воспоставување нови партнерства и интензивирање на трговската и инвестициската размена.
Во рамки на настанот се одржаа институционални обраќања, тематски дискусии и директни B2B средби меѓу компаниите, при што беа разгледани можностите за соработка во повеќе сектори, вклучително: трговија, индустрија, енергетика, инфраструктура, зелена економија и одржлив развој.
Посебен акцент беше ставен на унапредување на прекуграничните инвестиции и отстранување на административните бариери кои го отежнуваат бизнисот.
Присуството на значителен број компании од Северна Македонија и Бугарија потврди дека економската соработка останува стабилен и перспективен сегмент во билатералните односи, со реален потенцијал за понатамошен раст.
Македонско-бугарската стопанска комора останува посветена на создавање конкретни деловни можности за своите членки и на градење одржлива, долгорочна економска поврзаност меѓу двете земји.