На 24 април 2026 година, во просториите на Бугарската трговско-индустриска комора во Софија, се одржа Бугарско–Македонскиот бизнис форум, во организација на Бугарско–Македонската трговско-индустриска комора, во соработка со Бугарската трговско-индустриска комора, а под покровителство на Амбасадата на Република Северна Македонија во Република Бугарија.

Форумот претставуваше значајна платформа за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, обединувајќи компании, институции и претставници на бизнис-заедницата со цел воспоставување нови партнерства и интензивирање на трговската и инвестициската размена.

Во рамки на настанот се одржаа институционални обраќања, тематски дискусии и директни B2B средби меѓу компаниите, при што беа разгледани можностите за соработка во повеќе сектори, вклучително: трговија, индустрија, енергетика, инфраструктура, зелена економија и одржлив развој.

Посебен акцент беше ставен на унапредување на прекуграничните инвестиции и отстранување на административните бариери кои го отежнуваат бизнисот.

Присуството на значителен број компании од Северна Македонија и Бугарија потврди дека економската соработка останува стабилен и перспективен сегмент во билатералните односи, со реален потенцијал за понатамошен раст.

Македонско-бугарската стопанска комора останува посветена на создавање конкретни деловни можности за своите членки и на градење одржлива, долгорочна економска поврзаност меѓу двете земји.

На настанот присуствуваа високи државни и институционални претставници, меѓу кои г. Антон Костадинов, заменик-министер за економија и индустрија на Република Бугарија, Н.Е. Агнеса Руси-Поповска, Амбасадор на Република Северна Македонија во Република Бугарија, како и г.Атанас Радев, претседател на Бугарско-македонската трговско-индустриска комора, заедно со претставници на локалната самоуправа и деловната заедница од двете земји.
 
Претседателката м-р Биљана Митева истакна дека главната мисија на Македонско-бугарската стопанска комора е развој и поддршка на компаниите што сакаат да инвестираат во Бугарија и на оние компании што инвестираат во Северна Македонија.
„Ние сме инструмент кој, преку институциите, може да обезбеди безбеден и полесен бизнис. Можеме да бидеме мост доколку на компаниите им е потребна помош при основање и развој на бизнис. Имаме компании членки од сите области. Имаме адвокати, адвокатски канцеларии, сметководствени канцеларии, претставници од здравствениот сектор, трговијата и производството“, изјави претседателката на Македонско-бугарската стопанска комора. Таа истакна дека во податоците што ги презентираше од статистиката на Северна Македонија, енергетиката се издвојува како водечка насока. Меѓу активните сектори, ги спомена и банките, финансискиот сектор, услугите, рударството и увозот на електрична енергија и гас – „Не треба да го занемариме увозот на електрична енергија и гас. Сè што е од интерес за бизнисот е важно за развојот на односите меѓу двете земји“.