На 29 април, во просториите на Македонско-бугарската стопанска комора, се одржа настан посветен на здравјето, женското претприемништво и меѓусебната поддршка во бизнис заедницата.
Во рамки на активностите по повод месецот на здравјето, беше организиран бесплатен квантно-магнетен преглед, кој го реализираше д-р Илир Љума. Прегледите беа наменети за членките на Комората и нивните вработени, а дополнително беа извршени и на претставници од институции и партнерски организации кои присуствуваа на настанот, меѓу кои од Бугарскиот културно-информативен центар, Амбасадата на Република Бугарија во РСМ, како од Бугарската Телеграфска Агенција. Интересот и присуството ја потврдија потребата од вакви превентивни иницијативи во деловната заедница.
Во продолжение следеше инспиративно излагање на г-ѓа Даница Личанин Блажеска, сопственичка на Рептил Маркети, која сподели лична и професионална приказна за развојот на својата компанија – од првичните предизвици и храбри чекори, до изградба на стабилен и препознатлив бизнис. Нејзиното излагање беше повеќе од формална презентација – претставуваше искрено сведоштво за истрајност, визија и лидерство.
Настанот дополнително беше збогатен со претставување на услугите од страна на две претставнички од корпоративниот сектор на членката УНИ Банка, кои ги презентираа актуелните финансиски можности за поддршка на компаниите. Во интерактивна дискусија, присутните членки имаа можност да постават прашања поврзани со кредитни линии, услови за финансирање, провизии и други банкарски инструменти, со што се отвори конструктивен дијалог за финансиската поддршка на бизнисот.
МБСК продолжува да создава платформа каде што бизнисот, здравјето и личниот развој се надополнуваат, со цел градење одржлива, поврзана и поддржувачка деловна заедница.