Претставници на Македонско-бугарската стопанска комора и компании-членки на Комората учествуваа на работилницата „Лидерство за резултати: Различни стилови на лидерство и деловен успех“, која се одржа на 26 ноември 2026 година на Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Работилницата беше организирана од Економскиот факултет – Скопје, УКИМ, во соработка со Обединетите нации во Северна Македонија, со цел да се поттикне дијалог за ефективното лидерство, различните лидерски пристапи и нивното влијание врз деловните резултати, иновациите и конкурентноста.

Во рамки на панел-дискусијата, успешни деловни лидери од македонски компании споделија практични искуства, професионални предизвици и примери од своето работење, истакнувајќи ја важноста на визијата, компетентноста, стратегијата и способноста за постигнување резултати. Членки на МБСК беа дел од работилницата и во улога на панелисти, но и преку активно учество во дискусиите од публиката, споделувајќи свои искуства, ставови и добри практики. Покрај прашањето за воспоставување рамнотежа помеѓу професионалниот и приватниот живот (work-life balance), дискусијата се осврна и на родовата застапеност во лидерството, разликите во лидерските пристапи кај жените и мажите, како и на значењето на еднаквите можности, поголемата вклученост на жените на раководни позиции и надминувањето на стереотипите во деловното опкружување.

Македонско-бугарската стопанска комора продолжува да ги поддржува иницијативите кои придонесуваат за развој на деловните вештини, унапредување на лидерството и јакнење на соработката помеѓу бизнис-заедницата и релевантните институции.